Големата акција на полицијата и ОЈО ГОКК од утринава во неколку градови во земјава резултираше со апсење на над 20тина лица, меѓу кои и поранешни директори во РЕК Битола и ЕСМ. Меѓу соомничените е и Васко Ковачевски, но тој според информациите е надвор од земјава уште од октомври.
Според сомнежите, осомничените кај кои биле направени претреси и биле пронајдени над 130.000 евра во кеш, извршиле криминал со јавни набавки за адитиви за РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино. Премиерот Мицкоски, според како што кажа, информациите од министерот Тошковски, на владината прес-конференција откри дека станува збор за организирана група, за која, вели, постојат сомневања дека направиле криминал тежок 6,5 милиони евра и дека за сите лица се обезбедени докази. Што се однесува до Ковачевски, кажа дека ќе биде вратен во земјава.
“Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на обвинителство, потоа понатаму на судовите, мора да веруваме на презумпцијата на невиност. Но, тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Дали Ковачевски е во државата? Не, не е во државата подолго време, но очекувам да го обезбедиме и да го вратиме во државата”, изјави Мицкоски.
Покрај Ковачевски, имињата кои се истакнуваат меѓу осомничените се и Васко Стефанов, исто така поранешен директор на ЕСМ, кој со поранешениот шеф на РЕК Битола Пеце Матевски се сметаат за членови на злосторничко здружување и се сомничат дека помагале да се злоупотреби постапката за јавни набавки.
Потоа, Ардијан Муча, екс-комерцијален директор на ЕСМ се сомничи за злоупотреба на службената положба, односно овозможил значителна имотна корист за друг преку неизвршување на својата должност. Неговиот претходник пак, Данчо Стојановски од Велес се смета за организатор на спорните набавки.
Ковачевски пред речиси две години при гостување во „Само интервју“ беше прашан за став околу обвинувањата од тогашната опозиција дека се прави криминал во ЕСМ, но децидено демантираше.
Според неофицијалните информации, на осомничените за кои постојат основи дека переле пари ќе им биде замрзнат стекнатиот имот од 2022 година до сега. За дел од лицата се очекува ефективен 30 дневен притвор, за други пак мерки на претпазливост, според неофицијалните информации.