Земјата има јасен план за интеграција во ЕУ, вели Мицкоски

“Македонија има јасен план во однос на евроинтеграциите, нема повеќе влегување во никакви авантури без да се гледа светлото на крајот од тунелот кој носи до членство во Европската Унија”, изјави Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски со оптимизам се врати од Брисел. Вели успешно започнал планот во три фази за европската иднина на Македонија – првата информирање на македонските тези пред меѓународните партнери, втората да се види дали уставните измени ќе бидат крај на проблемите за државата и третата работа на домашните задачи.

“Сега е многу важно да идентификуваме, во втората фаза од планот дали со внесувањето на неколку 100-тини граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми, или тоа се би рекол само првите 10 метри од оваа трка на 110 метри, дали е ова само првата пречка. И мислам дека со нашата стратегија полека но сигурно, ќе ја извадиме на површина вистинската намера и таа веќе на сите им е појасна, дека не е само ова проблемот, дека проблемите допрва следат, а дека ние нема да влезе во никаква авантура без да имаме јасен план дека крајот го гледаме”, изјави Мицкоски.

Мицкоски во Брисел оствари низа билатерални средби, меѓу кои со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос и новиот претседател на Европскиот совет, Анотнио Кошта. Таму биле јасно кажани македонските ставови, на кои не добиле никаков контра став.

“Разговараме, бараме решение, аргументираме. Сето она кое што преставува нашата теза, очекуваме антитеза, не сме ја добиле антитеза, тоа не сме добиле. Што значи дека првата фаза од планот веќе ја реализиравме, а тоа е бараме решение, тоа е многу важно бараме решение”.

Мицкоски кажа дека имале многу конструктивна средба со сите лидери од Западен Балкан. Најави продолжување на битката затоа што знаеле дека се во право. Потенцираше дека третата фаза од планот е да се зафатат со домашните проблеми и реформи, со што ќе покажаме дека заслужуваме да сме на европската маса по мерит системот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*