Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки поради „дивеењeто“ на улиците и сообраќајниот хаос којшто настана.
Тошковски упати апел за разум и мудрост, и порача дека МВР одлучно ќе одговори против сите коишто ќе се обидат да го погазат достоинството на граѓаните на Македонија, без оглед дали станува збор за сквернавење на државен симбол на Македонија или на која било соседна земја.
Изрази надеж дека станува збор за изолирани случаи, со оглед на тоа дека сторителите на кривичните дела биле млади луѓе, но како што рече „не ми личи за таква работа“.
Во врска со возилата кои беа опожарени во Куманово еден ден по прославата на Денот на албанското знаме, Тошковски рече дека не може да изнесе конкретни информации, бидејќи предметот се уште е во фаза на предистрага, но рече дека станува збор за добро организирана група.