Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на социјалните мрежи предупреди за, како што рече, сериозна опасност која ја носат последните одлуки на Владата, во однос на Советот за граѓански надзор на комуникациите.
„Ова тело, кое треба да биде столб на независност и заштита на правата на граѓаните, сега се претвара во алатка за партиска контрола и злоупотреба. Ваквата лицемерност на Владата е опасна за демократијата и ја враќа земјата назад во мрачните времиња на режимскиот систем, кога безбедносните структури беа под целосна партиска контрола, а правата на граѓаните беа системски кршени.
Мицкоски не само што ги изневерува своите ветувања, туку и директно ги загрозува темелите на демократскиот поредок. СДСМ нема да остане нем набљудувач. Ќе ја информираме меѓународната заедница за оваа скандалозна партизација и ќе преземеме се што е неопходно за да ги заштитиме граѓаните и институциите од оваа партиски брутален напад. Македонија заслужува независни и професионални тела, а не репродукција на режимски практики.“, напиша Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека лидерот на СДСМ лаже.
„Наместо СДСМ да се соочи со реалноста дека нејзиното владеење ги остави институциите потонати во корупција, непотизам и партиципација, тие сега се обидуваат да го одвлечат вниманието со лажни обвинувања“, рече владејачката партија, додавајќи дека нејзината цел е да изгради транспарентен и одговорен систем кој би им служи на граѓаните, а не на партиите.
Советот, соопшти и ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде столб на независноста и професионалноста, за разлика од „контролираниот хаос“ што го остави зад себе СДСМ.