Очекувано, седницата за прашања и одговори на Собранието, одржана во четвртокот, ја одбележаа жестоки обвинувања меѓу владините претставници и опозицијата за повеќе теми.
Во однос на загаденоста на воздухот, пратениците на СДСМ рекоа дека и покрај екстремно високото ниво на загаденост, се намалени средствата за еколошки проекти, не се набавени електрични автобуси, а властите го игнорирале Планот за чист воздух.
Во одговор премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е точно дека се намалени средствата за здрава животна средина. Исто така, тој изјави дека до Нова година ќе се организирал тендер за набавка на 100-120 еколошки автобуси, додавајќи дека тие ќе се користат за превоз во повеќе општини.
Опозицијата упати и критики за носењето на законите по скратена постапка. Тоа, како што се тврди, резултирало со укинување на членовите на регулаторните тела и нивно заменување со партиски кадри. Владата беше критикувана и поради безбедносниот сектор.
Но, како одговор, Мицкоски изјави дека јавноста многу брзо ќе дознае што се правело во овој сектор во мандатот на претходната влада, вклучително и нелегалното прислушување.
Прашањето за албанскиот јазик, исто така, беше меѓу темите, а ДУИ обвини дека владата спроведува антиалбанска платформа. Сепак, Мицкоски рече дека е нелегитимно партијата на Али Ахмети да се обидува да предизвика етнички раздор за да ги прикрие сите злосторства извршени од луѓе блиски до нејзиното раководство.
„Немаме платформа против Албанците. Имаме против партиски профитери и криминалци, без разлика на нивната етничка припадност, доколку се осомничени за криминал“, одговори тој.
Според премиерот, ДУИ сега користи милитантна реторика со цел да создаде етнички тензии бидејќи повеќе не е на власт и членовите на партијата треба да одговараат за криминал.
Одговарајќи на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски за прашањето на нарко картелите, Мицкоски рече дека е загрижен од врските меѓу поранешни функционери и криминалци.
„Повеќе ме загрижува тоа што голем дел од овие послушници со здравствени проблеми беа послушници и на овие наркокартели и беа на нивниот платен список. Така би ја заобиколиле правдата. Значи, тука има триаголник: политички криминалци, нарко-картели и судии и обвинители. Тие се неколку, но сега имаат сериозни здравствени проблеми. Тоа е земјата во која живеевме“, подвлече премиерот.
Мицкоски рече и дека ги предупредува и оние структури кои, според него, сега низ Скопје и по ноќните клубови велат дека му се блиски и дека ќе бидат помилувани.
„Мора да се преврти нов лист“, подвлече тој.
Меѓу темите беше и Коридорот 8, а опозицијата обвинуваше за опструкции при изградбата. Сепак, министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека иако се работи на железничката врска кон Бугарија, потребна е брза железничка врска на Коридорот 10 каде брзината би била 200 км/ч.