Во Апелациониот суд во Битола се одржа втората тркалезна маса од неколкуте настани за консултации кои Министерството за правда во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото„ планира да ги организира, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет.
Во присуство на судии и експерти, заменик на министерот за правда, Ален Деребан посочи дека заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет.
„Оценската мисија на Европската комисија во 2023 година ги утврди постојните значителни недоследности на примената на Законот за Судскиот совет и со свои препораки на краток, среден и долг рок даде конкретни предлози за да се надмине утврдената состојба и повторно да се воспостават и применуваат меѓународните стандарди за независност на судството, кои се дадени во повеќе меѓународни документи и препораки на Советот на Европа, Консултативниот совет на судии, како и почитување на стандардите за фер постапка на Европскиот суд за човекови права.
Уште еднаш се докажа дека не е доволна само квалитетна законска рамка, туку и доследно спроведување на законските решенија со добра волја и почитување на етичките правила на постапување на сите чинители“, изјави Ален Деребан.
Следните стручни дебати за измени и дополнувања на Законот за Судски совет ќе се одржат во Штип и Гостивар.