Лидерот на СДСМ Филипче се сретна со претседателката Силјановска Давкова

Опозицската СДСМ е подготвена да даде поддршка на секоја подобрена позиција која владата ќе успее да ја обезбеди во насока на одблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, истакна лидерот на социјалдемократите по средбата со претседателката Силјановска-Давкова, која според него била конструктивна и поминала во пријатна и пријателска атмосфера.

Посочи дека обид за уставни измени со одложено дејство имало и од претходната влада предводена од СДСМ, но дека предлогот бил одбиен од тогашната бугарска влада.

Очекува како опозција да бидат вклучени во понатамошните разговори во насока на одблокирање на евроинтеграциите. Средбата со претседателката Филипче ја иницирал поради загриженост од партизација на безбедносните служби во земјава и како што истакна ја предупредил Силјановска за ризикот од евентуално спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

Со кусо соопштение по средбата излегоа од претседателскиот кабинет од каде посочуваат дека Силјановска во разговорот со Филипче ги пренела нејзините видувања за евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со ЕУ, и дека посебен акцент бил ставен и на безбедносните состојби во држвата.

Ова е прва средба меѓу претседателката Силјановска и опозицискиот лидер Филипче. Тој очекува ваквите средби да станат пракса во иднина и да се разговара за сите битни прашања. Освен со Силјановска, Филипче порача дека во секој момент е подготвен и за средба со премиерот Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*