Делегација на Владата на Северна Македонија, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, престојуваше во официјална посета на Белград, Србија, каде присуствуваше на третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Wine Vision by Open Balkan“.
Во Белград, на маргините на саемот, премиерот Мицкоски оствари билатерална средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, на која со него се разговарало за актуелните состојби и можности за економска соработка меѓу двете земји.
„Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со фокус на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина што ќе ги поврзе Централна и Јужна Европа, како и подобрување на трговската размена и соработка во енергетскиот сектор. Особено сум благодарен за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и вмрежување на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, додека соработката преку Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на регионот. Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме односите во духот на пријателството и партнерството“, рече претседателот Вучиќ во објавата на Инстаграм.
Премиерот Мицкоски присуствуваше и на специјалниот настан на саемот организиран за промоција на вината од Северна Македонија.
„Македонските вина се меѓу најдобрите во Европа, а саемите како овој се одлична можност за нивна промоција и освојување нови пазари. Сосема сум сигурен дека ќе станат неодолив дел од секоја трпеза во европските домаќинства“, рече Мицкоски.