Во четврток започна дводневната Антикорупциска конференција на Западен Балкан, што ја организира Амбасадата на САД, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и за спроведување на законот (ИНЛ) во Скопје.
На отворањето се фокусираше на важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на сите учесници за изнаоѓање решенија во борбата против корупцијата, поттикнување на секојдневната борба за интегритет и создавање робусни механизми за спречување на корупцијата и барање одговорност преку системски реформи и транспарентни институции.
Во своето воведно обраќање, амбасадорката Ангела Агелер ја подвлече важноста на мултисекторската соработка и посветеноста на сите учесници за изнаоѓање решение за критичниот проблем. Нејзината оценка е дека е потребно и казнување и поттикнување на секојдневната борба за интегритет.
„Сите вие што сте тука покажувате дека сите сектори се вклучени, што е доказ за вашата посветеност и потрага по изнаоѓање решение. Тоа ја истакна важноста и итноста на работата што претстои“, истакна амбасадорката.
Дека тие што избрале да се борат и да дејствуваат мора да се овластат наместо да се откажат, подвлече амбасадорката.
„Токму преку Конференцијата, со доведување шампиони на едно место може да се изгради мрежа која ќе се бори против корупцијата од позиција на сила и доверба“, нагласи амбасадорката.
Во Северна Македонија се отвора новата судска мрежа во која ќе бидат поврзани сите професионалци од кривично правниот сектор, рече таа, нагласувајќи дека ќе споделуваат искуство, ќе поттикнуваат доверба и ќе се поддржуваат еден со друг. Агелер верува дека иницијативата ќе се користи како модел во регионот. Учесниците на настанот беа охрабрени од амбасадорот да градат знаење и партнерство, како и да споделат искуства и научени лекции.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи ја спореди корупцијата со деструктивна сила што го поткопува системот и ги компромитира основните вредности. Владата, посочи тој, е посветена на создавање робусни механизми за спречување на корупцијата и барање одговорност од корумпираните функционери преку системски реформи и транспарентни институции. Борбата против корупцијата е врвен приоритет, подвлече тој.
„Нашата реформа веќе започна. Нашата Влада почна да презема активности за постигнување на оваа цел. Наша должност како Влада е да воспоставиме соодветни механизми за спречување на корупцијата и за барање одговорност. Тоа ќе биде можно само преку системски реформи и преку создавање на институции кои ќе работат транспарентно за доброто на јавноста“, истакна Фетаи.
Според него, тоа може да се постигне преку системски прегледи во сите јавни институции и измени на Кривичниот законик со цел периодот на истекување на застареноста на кривичните дела поврзани со корупција да се усогласи со стандардите на ЕУ.
„Ќе ги консултираме засегнатите страни, нашите меѓународни партнери со цел да обезбедиме најдобри одлуки, вклучително и подобрување на нашите резултати во однос на пресудите во случаи поврзани со корупција, а ќе се фокусираме и на конфискација на незаконски стекнатиот имот, преку кој ќе испратиме јасна порака дека корупцијата нема да остане неказнета. Потребна е стратегија за борба против корупцијата која ќе биде заснована на транспарентни и одговорни институции.
Мора да создадеме системи кои ќе бидат отпорни на надворешни притисоци и на институции од кои ќе се бара да бараат одговорност од корумпираните лица. За ова не е потребно само независно судство, туку, како што реков претходно, државен менаџмент, државна администрација која е добро обучена и посветена на јавниот интерес“, изјави и вицепремиерот Фетаи.
Дводневниот настан во Скопје има за цел да поттикне мултисекторска регионална мрежа на „лидери во борбата против корупцијата“, професионалци од владата, судството, граѓанското општество и бизнис секторот, посветени на борбата против корупцијата.
Обединува учесници и говорници од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.