Јавниот обвинител на Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со евроамбасадорот Михалис Рокас.
На средбата, како што информира Јавното обвинителство, Коцевски информираше дека Обвинителството веќе презема активни чекори за подобрувања во сите области кои се наведени како препораки во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја и интензивно работи на подготовка за задачите од Реформската агенда која наскоро треба да започне да се реализира.
Како клучен предизвик кој го навел Коцевски, а кој и Европската комисија го констатира во извештајот, се недоволните ресурси кои и се овозможуваат на институцијата за сите активности кои ги реализира.
Тој го запознал евроамбасадорот Рокас и со предизвиците од аспект на кадровска неекипираност на обвинителствата, односно недостатокот и од јавни обвинители и од јавнообвинителска служба, како и застареноста на опремата.
Соговорниците разговараа дека буџетските приоритети мора да бидат во согласност со приоритетите и планот за работа на Јавното обвинителство и реформите за владеење на правото воопшто за да се постигне напредок во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата. Ова е клучно за земјата да се движи кон ЕУ.
Двете страни се согласија да продолжат со напорите за пренесување на овие пораки до одговорните органи во земјата, се вели во соопштението.