Влатко Кешишев го смени исказот за убиствата на Вања и Панче. Во изјава напишана рачно денеска го информираше судот дека Љупчо Палевски за време на двете убиства спиел во штабот на партијата. Напишал дека навистина бил преплашен кога со полицајците заминал на местото каде е закопана Вања, ама се плашел да каже дека на двете места бил само со Боре и Велибор.
„Палчо на 22 и 27 ноември не беше со нас, спиеше во штабот на спрат во неговатасоба. Згрешив што го послушав Велибор и кажав невиситна дека Палчо бил со нас што не е точно. Јас, Боре и Вељо бевме на местотот на настанот и во Велес и во Скопје, настани за кои одговарам“, се наведува во писмото кое во судницата Кешишев му го предаде на судијата.
Во него додава дека идејата да го наместат Палчо, била на Велибор. Но, во неговата изјава не пишува кој пукал кон Вања и Панче.
„Откако Палчо замина на пат, истиот ден дојде Вељо во штабот со притисок и голема паника ме натера ако дојде полиција да збориме дека Палчо организирал и пукал, а ние само сме служеле. Ме убедуваше ако не кажеме така, нас ќе не здробат“, се додава во писмото.
Адвокатот не знаел дека Кешишев ќе го менува првичниот исказ во кој Палевски го посочува дека пукал во Вања и Панче. Таквата изјава била дадена преку затворот.
На денешното судење, сведочеа сопартијци и пријатели на Палчо. Стефан Димковски кој Палевски го пренел од Белгард до Турција, рече дека Палчо преку телефон бил известен дека возило кое го користи партијата се поврзува со исчезнато девојче.
Додека го говортел тоа бил блед, а додал и дека сакаат да го наместат . Димковски рече дека Палевски заминал кон Турција да се лекува, немал пари за хотел па изнајмил куќа на три месеци.
Во судницата сведочеше и Ерол Османи кој појасни дека Палевски му бил сервисер на парниот котел. Го барал на 27 на денот на исчезнувањето на Вања, но дури доцна вечерта добил одговор. Палевски бил настинат, се чувствувал како да го прегазил камион, но следниот ден дошол да го сервисира парното на Османи.
За одбраната, исказите на сведоците биле потврда дека обвинителството нема случај.
Судењето продолжува во понеделник.