Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.
Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре (20 и 21 ноември) е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“.
Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која како што рече „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.
Начелниот став на Врховниот суд нè охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец“, рече Зибери.
Зибери апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.
Постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан, порача дека заштитата на животната средина „не е само еколошко прашање, туку е и правда и фундаментално човеково право“ и затоа омбудсманите и институциите за заштита на човековите права „имаат се поголема улога во промовирање на еколошката правда“.