Вицепремиерот и министер за односи со заедниците, Иван Стоилковиќ не беше присутен на денешната заедничка седница на владите на Косово и Македонија во Приштина.
Стоилковиќ и неговата Демократска партија на Србите во Македонија се јасни во ставовите што ги имаат спрема Косово, но премиерот Христијан Мицкоски го оправда дека тој „горел од желба да биде во Приштина, но бидејќи ја поместиле владината седница, поради оправдани обврски, не е денеска дел од меѓувладината средба“.
Мицкоски информираше дека првично меѓувладината седница била закажана за петок 15 ноември.
“Затоа неговиот заменик, господинот Неждет Мустафа е тука и имаше прецизна и јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската влада”, додаде тој одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски порача дека „ние како држава и како Влада сме го кажале ставот што е Косово и тоа меѓу првите во светот“.
“Не треба да дозволиме таа тема некој да ја злоупотребува. Ние бевме меѓу првите и сите овие настани се јасна порака од тоа”, заклучи тој.