Според тврдењата на ДУИ, етничка дискриминација имало во администрацијата, полицијата, здравството.
“Под превезот на лажниот патриотизам и реториката за „враќање на Македонија на Македонцит се спроведува систематски обид за деградирање и маргинализација на професионалци кои на оваа држава и служеле со лојалност и професионализам”, стои во соопштението од партијата на Ахмети, додавајќи дека ова им се случувало на, како што велат, посветени службеници од албанска националност.
Интегративците и денеска ја повикаа власта да одат на предвремени избори заедно со локалните догодина.
“Не треба да ѝ се дава значење на националистичката реторика на ДУИ, вели премиерот Мицкоски”, по обвинувањата од Мала Речица дека власта спроведувала „етничко чистење“ во институциите.
Тој порача дека борбата со криминалот нема етничка и партиска боја и затоа секој кој направил криминал, според него ќе одговара. Ја обвини партијата на Ахмети дека е одговорна за егзодус на Албанците во земјава, каде како што како што рече, во последниве две децении има 150 илјади Албанци помалку.
“Колку повеќе придаваме значење на оваа реторика, тоа не носи добро за квалитетот на граѓаните. Тие ќе бидат се пожестоки во ова, тоа ги иритира и меѓународните партнери и граѓаните. Навистина не треба да се поедноставува работата, имаме луѓе кои во МВР коишто биле дел од политички партии, со различна етничка припадност, Македонци, Албанци итн, коишто ја злоупотребиле својата положба. Ве молам, упатувам порака до медиумите, ќе се заострува реториката од таму, како ќе доаѓаме до криминалците, се пожестока ќе биде, понационалистичка и поиредентистичка таа реторика”, изјави Мицкоски.