Атак врз судството и упад во судската власт. Со овие зборови, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева ја коментираше одлуката на Антикорупциска, според која советот треба да ги повлече своите двајца членови кои ги назначи во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Оваа тема ја бранува правосудната јавност, Советот номинираше двајца членови, а одлуката потоа донесе бројни реакции. Невладини претходно укажаа дека тоа е спротивно на Законот за Академија за судии и јавни обвинители и Законот за спречување на корупција. Укажаа дека членовите на Судски доаѓаат од редот на судиите, но функцијата им е во мирување.
Претседателката на советот смета дека најрационално и најефикасно кога членови на Судски учествуваат во Управниот одбор на Академијата.
Дамева вели – нашето судство не познава „активни“ судии. Одлуката на антикорупционерите е тенденциозна и резултат на толкување на законите, реагира претседателката на Судски во вчерашната Топ Тема на Телма.
Крајно разочарувачки и крајно тенденциозно е, во изреката стои „се запира постапката“ и се укажува на Судскиот совет каква одлука да донесе и во кој рок.
“Во какво својство се ставила ДКСК?! Ова е директен упад во судската власт, атак врз независноста и самостојноста и на одлучувањето на членовите на Судскиот совет и воопшто на судството”, кажа Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет на РС.
Вчера започнаа и јавните расправи за законските измени и за реформи на Судскиот совет. Потоа ќе се пишува законот, најави министерот за правда. Конечното законско решение се очекува да биде донесено најдоцна до јуни наредната година. Претседателката на советот, кажа дека очекува со новите измени да има квалитетен избор на судии, кои ќе треба да понесат одговорност ако се огрешиле.