“Ако изгубиме на локалните избори, тогаш може да одиме на предвремени парламентрани избори”, одговори премиерот Мицкоски на барањето од опозициските партии за вонредни избори догодина.
Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени во секое време за изборно соочување, но останува на ставот дека предвремени избори со локалните се непотребен трошок, кој според него не го сакаат ниту граѓаните, а на оваа влада вели треба да и се остави простор да го покаже сработеното.
“Разбирам дека некои од опозициските ќе привлечат внимание. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена секогаш, еве и денеска е подговена за избори. Имаме локални избори и граѓаните ќе кажат дали се потребни парламентарни или не. А ако загубиме и ако речат дека се потребни, можеме да организираме парламентарни. Ако граѓаните гласаат за градоначалниците на СДСМ и на ДУИ, јасна е пораката, и ние нема да ја игнорираме пораката како што тоа го правеа тие во минатото”, рече Мицкоски.
Коментирајќи ја вчерашната средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Радев, во Баку, и неговите пораки, Мицкоски изјави дека не знае каков бил речникот на средбата, но оти таа поминала во пријателска, добра атмосфера.
Радев на средбата ги слушнал истите аргументи, вели Мицкоски кои биле презентирани и пред стратешките партнери. Слично како и Таравари пред неколку денови, и Мицкоски денеска изрази надеж дека до крајот на годинава Македонија ќе може да го продолжи евроинтегративниот пат, без да прецизира дали ќе има решение за уставните измени.