Плакати од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск се појавија во Белград. На нив е испишано „Да ја направиме Србија повторно голема“, мото на конзервативното движење Наши.
„Го поддржуваме Доналд Трамп како лидер кој покажа сила во борбата за суверенитетот на својата земја и отворено истапи против глобалистичката политика која ги загрозува националните интереси. Неговата порака „Да ја направиме Америка повторно голема“ нè инспирираше и нас бидејќи веруваме дека Србија мора да ја обнови својата големина и сила“, порачаа од движењето Наши.
На плакатите е прикажана мапа од Голема Србија во чии рамки, меѓу другото е ставена и Македонија. Хрватска и Словенија се прикажани како територии кои граничат со Голема Србија. На провокативните плакати реагираше српската Асоцијација на електронски медиуми.
„Оваа акција, која многумина ја окарактеризираа како националистичка и провокативна, доаѓа во момент на засилени тензии во регионот околу историските прашања и територијалните претензии“.
Здружението смета дека плакатите можат да предизвикаат поделби и екстремизам во Србија.