Милошоски откри детали за случувањата поврзани со името во 2011 година

Во 2011 година постоела шанса Македонија да го затвори спорот за името, наместо „северна“, да се додаде придавката „горна“ и таа да важи само за надворешна употреба.

Предлогот предвидувал промена на само еден амандман од македонскиот Устав, без мешање во македонскиот јазик и идентитет.

За ова решение тајно се преговарало, а требало да биде официјализирано при посетата на Груевски на Вашингон и средбите со таогашната државна секретарка Хилари Клинтон, но екс премиерот сепак одлучил да ја одбие понудата. Деталите првпат ги откри тогашниот шеф на димпломатијата кој беше дел од македонската делегација, Антонио Милошоски, во поткастот „На кавга со Иван“.

“Постоеше комуникација со посредници, Папандреу имаше еден посредник, американско-грчки државјанин, Алекс Рондос, а посредникот на Груевски беше Сашо Мијалков. Тие имаа неколку средби во Виена, во Прага и други места”, изјави Антонио Милошоски – поранешен министер за надворешни работи.

Милошоски открива и дека тет-а-тет средбата на Груевски и Клинтон, што претходела на пленарната на која присуствувал и тој, траела невообичано долго, а според неговите проценки, таа не очекувала спротивставен став од Груевски, туку на оваа средба да си подадат рака и да го официјализираат договорот со кој ќе се стави крај на спорот за името. Токму затоа и немале заедничка прес конференција, а Груевски даде изјава сам, надвор од Белата Куќа.

“Кога се одеше во Вашингтон, Хилари Клинтон имав впечаток дека имаше добиено информации дека договорот е веќе постигнат. Дека е за некоја фина доработка и дека затоа се случува таа средба и дека таа ќе заврши со успех и за решавањето на тој спор. Затоа и беше нервозата откако тоа не се случи и според мене тие моменти можеби беа и пресудни да се даде налог после таа средба дека ова раководство или овој премиер не се соработливи, нема што со нив понатаму да се обидуваме”, изјави Милошоски.

Ваквиот исход на посетата на Вашингтон била и една од причините неколку месеци подоцна, Милошоски да си поднесе оставка од минстерската функција. И поради мешањето на Мијалков во преговорите, и поради тоа што предлогот Горна Македонија само за надворешна употреба го сметал за добра основа за конечно решение.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*