Истражувањето покажува дека децата дишат загаден воздух и во училиште или во градинка

Не само кога се надвор – децата дишат загаден воздух и кога се внатре во градинка или во училиште. Тоа влијае врз нивното здравје и врз способноста за концентрација и за учење, но и покрај тоа, ниту едно министерство не може само да го реши проблемот поради ограничените ресурси. Ова го покажаа резултатите од најновото истражување за квалитетот на внатрешниот воздух во пет училишта и градинки во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и во Струга.

“Во просек, ги надминуваме препораките на Светската здравствена организација (СЗО) речиси за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки што би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците. Генерално, ние дишеме загаден воздух и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние посебно во зимскиот период престојуваме подолг период внатре отколку надвор”, изјави проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде е изработена студијата во рамки на проект на УНДП.

На презентацијата на истражувањето, министерката за образование, Весна Јаневска, рече дека државите со ограничени ресурси не можат многу да направат на краток рок, но можат долгорочно да планираат како да се справат со проблемот. Министерот за здравство, Арбен Тараври, најави дека од следната година ќе се менува начинот на греење во 12 здравствени установи кои сега се греат на мазут и на нафта.

Според амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, наодите од истражувањето ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот.

Сметаме дека секој чекор на овој пат го гради движечкиот моментум кон постигнување на промени. Благодарни сме на општините Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга за кофинансирање на овие планирани инвестиции со вкупна сума од речиси еден милион евра”, изјави амбасадорката на Шведска.

Григорјан нагласи дека загадувањето на воздухот влијае на здравјето и на продуктивноста на работното место.

Досега нашата иницијатива се одвиваше во шест општини каде што се испитуваше квалитетот на внатрешниот и надворешниот воздух и отворени сме за соработка со други општини и со други државни органи на централно ниво”, додаде претставникот на УНДП.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*