“И можеме и не можеме да кажеме. Ако нешто не зависи од нас не можеме да тврдиме дека ќе има или не. Кога ќе има јас се надевам ќе бидам известен и веднаш ќе ја започнеме процедурата”, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА одговарајќи на прашањето дали може да се каже дека до крајот на декември нема да почне процесот на уставни измени во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ.
“Ова прашање има две компоненти. Едната е процедуралната и втората е политичката волја. Што се однесува до првата, Собранието заедно со службите, со Комисијата е подготвено во секое време кога ќе има предлог за уставни промени да ги ставиме на дневен ред, да почне процедурата и да заврши како што е предвидено со Устав и со Деловник. Вториот дел што се однесува до политичката волја тоа е прашање за политичките актери повеќе, лидери на политички партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени и за тоа не сум претпоставен да одговорам”, изјави Гаши.
Една од најголемите забелешки која со години се повторува во Извештајот на ЕК е бројноста на закони што во Собранието се носат по скратена постапка. Претседателот на Собранието вели дека тие секојдневно им укажуваат на предлагачите на законите односно министрите и Владата дека законите треба да се носат во редовна постапка и за нив да има јавни расправи.
Укажува на фактот дека Собранието не ја утврдува постапката како ќе се носи еден закон. Претседателот на Собранието изрази задоволство дека што на последната седница на Владата имало неколку закони кои од нивна комисија требало да се испратат до Собранието по скратена постапка и им било укажано да ги вратат и ги поднесат по редовна постапка.
“Значи, има ефект, ќе има подобрување во тоа, тоа ќе го следиме”, вели Гаши.
Како претседател на Собранието ја оценува како одлична комуникацијата со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, додека за односите во владејачката коалиција откако ја презел функцијата прв човек на законодавниот дом се информира од сопартијците и вели дека е многу стабилна.
За постојаните напади од нивниот политички ривал, опозициската ДУИ вели дека не треба да имаме илузии дека партиите кои се во опозиција ќе престанат да зборуваат или нема да ја критикуваат власта. Според тоа како тој ја гледа политиката, власта не треба да троши многу време на опозицијата. Главното што го очекуваат граѓаните, посочува тој, е одговорност бидејќи во изминатите 34 години тоа е нешто на што најмногу потфрламе.
Мораме, потенцира претседателот на Собранието, да и ставиме крај на неодговорноста. Претседателот на Собранието вели дека досегашната комуникација со координаторите на пратеничките групи е коректна, додавајќи дека тоа е двонасочна улица.
Претседателот на Собранието смета дека во некои делови Деловникот е подобрен и дека има подобар перформанс од порано, но, според Гаши, нормално е дека секогаш „ќе има мали работи кои поинаку ќе бидат интерпретирани“.