Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за хаосот кој настана со пасошите и личните документи на граѓаните, не помина пред Уставен суд.
Уставните судии одлучија да не поведат постапка за иницијативата што беше поднесена уште во февруари со која партијата оспори член од Законот за патни исправи и бараше Судот да преиспита дали на граѓаните со тоа што со месеци не можеа да извадат пасоши и лични карти и не можеа да патуваат им се прекршени уставно загарантираните права на слободно движење и други слободи и права што му ги гарантира Уставот.
Сепак, како што предложи судијата известител, Јадранка Дабовиќ, а никој од уставните судии не се произнесе „против“, членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи не е во спротивност на Уставот.
Според иницијативата што ја поднесе партијата, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните.