Влада: Решението е во целосна „реформа“ и „департизација“ на советите

“Решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание затоа што ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни”, велат за МИА од Владата.

На прашањето кој е ставот на Владата за Извештајот на ЕК во кој се нотира дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на ЈО загрижува и дека е неопходно реформи во согласност со препораките на Оценската мисија, од Канцеларија на портпарол на Владата, велат дека секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш „многумина се загрижени, а преку експерти кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи“.

“За жал судско обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален и тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство. Во овој момент како најсоодветен пример за овие тврдења се наводите со кои се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа потврдуваме дека решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и веднаш штом ќе се започнат било какви процедури јавноста ќе биде информирана”, се вели во одговорот од Канцеларијата на портпаролот на Владата.

Исто така, истакнуваат дека, препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание затоа што истите се изработени од експерти кои низ длабока анализа донеле такви препораки, затоа што „ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*