Премиерот вели анкетата покажала дека 52 отсто од граѓаните ја прифаќаат промената на Уставот одложено дејство

За мнозинството граѓани прифатливи се уставни измени со одложено дејство, кажа премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите, повикувајќи се на теренска и на телефонска анкета што биле направени во октомври за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.

52% се изјасниле ЗА ваквата опција, додека 39% биле против, а 9 отсто одбиле да одговорат на ова прашање. Слично е расположението кај анкетираните и за тоа дали се согласуваат на уставни измени доколку ЕУ даде гаранции за идентитетот, а Бугарија спроведе дел од пресудите за македонското малцинство.

Што се однесува до францускиот предлог, ваков каков што е, мнозинството од граѓаните и натаму се против. Го поддржуваат само 28%, додека Против се 53%.

Во однос на тоа во која насока се движи Македонија, граѓаните имаат поделено мислење – 49,9 проценти сметаат дека државата оди во позитивна насока, наспроти 36,8 кои имаат спротивен став.

За работата на Владата во првите 100 дена, 56% имаат позитивно мислење, додека 30,9 отсто негативно. Покрај оваа теренска анкета, во октомври било спроведено и телефонско анкетирање за рејтинзите на партиите и лидерите.

Според резултатите од ИПИС, владејачката ВМРО-ДПМНЕ има убедливо највисока поддршка од 26 отсто, наспроти СДСМ, ДУИ и Вреди кои имаат по 7 проценти, Левица 5 и ЗНАМ 4 отсто.

На прашањето во кој политичар имате најголема доверба, за премиерот Мицкоски се изјасниле 27,8%, зад него е Ахмети со 8,6%, Филипче 5,5%, додека најдолу на листата се Црвенковски, Пендаровски и Груевски по околу 1 процент доверба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*