Вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулаху споделувал тајно направени снимки кои беа објавени и на Телевизија Канал 5.
На снимките била новинарката на „Слободен Печат“ Мирослава Симоновска која преку социјалната мрежа Фејсбук изрази згрозеност од постапката на обвинителот, од објавувањето на снимката и од тоа што е следена.
Хајрулаху тврди дека снимките ги добил од свиркачи и ќе ги предадел на МВР и дека се гледа предавање на документи кои според него се од контролата на сомнежите за неговата работа како Виш јавен обвинител. Симоновска пак ги негираше како неточни јавно изнесените мислења и толкувања на обвинителот.
“На ова видео има дел од снимка снимена во кафичот Пјаца де торос во ГТЦ на кеј, каде седев со другарка. Лицето кое ги прима материјалите во видеото сум јас. Материјалите, наспроти изнесеното во прилогот не се извештајот од спроведената контрола во Вишото јавно обвинителство. Извештајот го немам. Фактот дека се следени моите телефонски комуникации, како и дека сум физички следена и снимана кај мене предизвикува ужас и истото чувство како кога си ги читав телефонските транскрипти после незаконското следење на комуникациите, што верувам дека многу од вас ќе го сфатат. Демнење новинари од страна на некој кого виш јавен обвинител го нарекува свиркач е дното на Македонија и се надевам дека ќе се најде во извештајот на ЕУ за следната година за тоа колку сме напреднале. Не следите само македонски граѓанин, туку и американски државјанин да ве потсетам, знаејќи дека таа држава ќе ми даде многу поголеми права и слободи и ова сериозно ќе го сфати”, наведе новинарката Мирослава Симоновска.
Во историјата на државата по воспоставувањето на демократијата, ова е првпат јавен обвинител да споделува снимки од следење на новинар за да бидат јавно објавени. Обвинителството досега не реагираше за постапката на Хајрулаху.
Обвинителството и обвинителите законски се задолжени да ги штитат основните човекови права, а новинарката смета дека конкретните снимки покажуваат токму прекршување на уставно загарнтираните права.
“Јас пак го третирам ова како тоа што е – страшна злоупотреба на моите граѓански права и обид да се внесе кај мене страв и чувство на несигурност што е постигнато максимално”, наведува таа.