Изготвувањето на новиот Кривичен законик е завршено и истиот е преведен на англиски јазик и доставен на мислење до Европската Комисија, информираат од Министерството за правда.
Од МП посочуваат дека подготвени се и коресподентните табели како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23. Откако ќе се добие мислење од ЕК, ако нема забелешки Кривичниот законик оди во владина процедура по што се проследува до Собранието. Во Парламентот, Кривичниот законик се носи со обично мнозинство.
Со новиот Кривичен законик треба да се вратат измените на членот 353 и 394 на Кривичниот законик, направени во септември 2023 година во скратена постапка со европско знаменеце со кои се намалуваат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување.
Со измените на дел од членот 353 од Кривичниот законик се намали затворската казна од најмалку три години затвор на казна затвор од една до четири години за „злоупотреба на службена должност и овластување“, додека со измена на членот 394 од КЗ, казната за „злосторничко здружување“ се намали од казна затвор до десет години, на казна затвор до три години.