Евроамбасадорот Михалис Рокас во средата официјално му го предаде Извештајот на Европската комисија на премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, со кого одржаа и прес-конференција за ова прашање.
“И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет, а тоа е борбата против корупцијата”, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас.
Мицкоски, исто така, рече дека е охрабрен што иако новата влада е избрана на 23 јуни, Комисијата ги признава напорите во борбата против корупцијата.
Како и во изминатите години, подвлече премиерот, најголемите слабости се однесуваат на кластерот на фундаменталните, односно областите поврзани со судството и јавната администрација. Во таа насока рече дека претходната влада требало подобро да направи.
“Но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме. Немаме време за губење. Нè очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес”, изјави Мицкоски.
Иако премиерот смета дека граѓаните се заморени од процесот и дека земјата неоправдано била во чекалната, тој смета дека членството во ЕУ останува единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите.
Одговарајќи на новинарско прашање за обврската за уставни измени, што се наведува во Извештајот, премиерот изјави дека јавноста ќе биде информирана штом ќе има напредок.
Амбасадорот Рокас изјави дека е важно Извештајот да не забележи назадување. Како што истакна, бидејќи сега има целосна слика за тоа што го одобрила Владата и за Извештајот, тоа може да биде платформа на која ќе има заедничка работа во 2025 година.
“Заедно ќе работиме посветено рака под рака, за догодина да имаме многу поголем напредок”, рече Рокас.