Обвинителството на прашање на Телма за ТОЕФЛ сертификатот на директорот на АНБ Бојан Христовски велат дека ќе ја чекаат разрешницата во антикорупциската комисија за случајот кој е отворен по анонимна претставка. ДКСК има веќе отворено постапка.
Со оглед дека се работи за функџционер, антикорупционерите се надлежни да ја проверуваат процедурата за негово назначување. За да нема дуализам во постапката, обвинителството веднаш по завршувањето на таа постапка во ДКСК, ќе постапи согласно своите законски овластувања, ни одговорија од обвинителството.
Телма упати прашања и до МВР и до ДКСК за нивни активности откако беа објавени наводи дека пријавениот ТОЕФЛ сертификат од страна на Бојан Христовски е од училиште за странски јазици кое нема овластувања за ТОЕФЛ тестирања, го нема на пријавената адреса во Пловдив и работи онлајн.
Од МВР одговорија дека ќе постапуваат неселективно, без да наведат дали веќе нешто е преземено. Од Антикорупциска пак одговараат дека работат на предметот отворен по анонимна претставка, но и дека тоа не спречува МВР и обвинителството сами да го истражуваат случајот.
Во рамки на оформениот предмет се преземаат чекори за прибирање на потребната документација за утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај.
По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на ВЕБ страницата на ДКСК, ни одговорија антикорупционерите.