Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите.
Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Нагласи дека Министерството за јавна администрација во моментов не изработува такво законско решение и додаде дека не треба да се брза со носење на едно вакво законско решение.
Се уште, посочи, немам видено нацрт-верзија од нашите коалициски партнери, но се надевам, убеден сум и сигурен дека во Владата има политички капацитет да се најде едно законско решение кое што на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија со цел да биде квалитетно, да биде спроведливо за да не се најдеме повторно во состојба Уставниот суд да укинува одредени членови или, пак, одредби од постојните законски решенија.
Не смета, како што кажа, дека постои опасност за нарушување на безбедноста на државата поради не носење на вакво законско решение и покрај писмата што ги прати лидерот на ДУИ Али Ахмети до европските партнери и до премиерот Христијан Мицкоски.