По само 15-тина часа, коалиционите партнери претпазливо ја гаснат искрата што ја запали министерот за здравство синоќа на Телма. Оптимистичката најава дека во декември ќе се почне со уставните измени, ја заменија со познатото „работиме на случајот“.
Таравари, пак, синоќа беше подиректен. Рече дека пораките од Фон дер Лајен се јасни, дека „сме добредојдени да ги започнеме преговорите, но условот е да ги направиме измените во Уставот“.
Од друга страна, за него е легитимно и барањето на премиерот за гаранции по сите досегашни пропусти со Грција и со Бугарија. Простор за потенцијално решение министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, гледа во неодбивањето на претседателката на Европската комисија, на предлогот за уставни измени со одложено дејство.
На денешната средба со новинарите и тој најави дека разговорите ќе се интензивираат следната недела, откако ќе завршат изборите во Бугарија.
Муртезани го смета за правно неиздржан предлогот на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, уставните измени да се усвојат сега, а доколку во наредните пет години Бугарија продолжи да ја спречува Македонија за работи кои немаат врска со ЕУ, Парламентот да има за право да ги суспендира.
Му порача да продолжи со нудење на креативни решенија, за кои не му текнуваше додека беа на власт.