Најпроблематичен избор на претседателката Силјановска и нејзината Комисија за помилување е замената на 15 месеци затвор за условна казна за Акиф Равмановски попознат како Акиф Јусуфи од скопскиот клан „Барон“.
Бил осуден за недозволено поседување оружје кое било нелегално, а Равмановски алиас Јусуфи е дел од истрага за вооружен напад врз скопајнец кој се случи 8 дена пред да добие амнестија за државниот празник – Ден на националната борба.
На листата е и екс разузнавачот Марјан Ефремов кој беше осуден на висока казна затвор во контроверзниот случај Шпион. Беше вратен во затворот Идризово и зад решетки, но за празникот доби намалување на казната за 3 месеци. Целосно ослободување односно замена на 1 година затвор за условна казна доби и охриѓанецот Никола Трпчески.
Делумно ослободување добија осудениците Мухарем Али од Скопје (намалување од 2 месеци), Тодор Попов од село Миравци (3 месеци), Томислав Симонов од Скопје (3 месеци), Перо Кузмановски од Градско, (3 месеци) и Живко Делиџаков од Богородица (три месеци).
Претседателот на државата вообичаено за празници дава амнестија за определен број на затвореници или поради здравствени причини или поради добро владеење во затворот или поради семејни прилики, но често се амнестираат и од други причини.
Првиот филтер го прави комисијата за помилување на претседателот, а свое мислење дава и Министерството за правда.