Собранието доби заштитена или т.н глува соба во која ќе се чуваат и ќе се работи со класифицирани и строго доверливи документи со назнака државна тајна.
Во неа ќе се одржуваат и средби и состаноци за класифицирани и чувствителни теми.
“Тоа е повеќе од само безбедносен објект, тоа е гаранција за демократскиот процес, место каде може да се водат критични и критички разговори без страв од компромитација обезбедувајќи одлуките за национална безбедност да се носат во средина на доверба и доверливост”, изјави Владо Ѓердовски.
“Потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација. Подготвени сме согласно утврдена постапка да ја ставиме на располагање заштитената соба и на други институции кои работат на класифицирани состаноци”, изјави Гаши.
Влегувањето во заштитената соба ќе биде дозволено само за лицата со безбедносен сертификат и притоа ќе се спроведуваат строги безбедносни протоколи.
“Оваа обврска не ги исклучува ниту избраните народни пратеници. Освен Претседателот на Собранието само лицата за кои во текот на проверката ќе се утврди дека не постои безбедносен ризик добиваат безбедносен сретификат”, изјави Стојан Славески – Дирекција за безбедност на класифицирани информации.
Проектот за изградба на т.н глува соба е започнат од пред четири години и чини околу еден милион евра. Имплементиран е од страна на DCAF – Женевскиот центар за реформи на безбедносниот сектор, а финансиран од страна на ЕУ, Швајцарија, Шведска и Холандија.