Кога станува збор за прашањето за писмото до ЕУ за изнесување нови идеи за продолжување на преговорите за членство, премиерот Христијан Мицкоски во петокот рече дека се уште се анализира работата.
„Избрзаните чекори се секогаш, би рекол, лош потег. Можеби треба малку да се сварат работите за да спиеме на тоа и со ладни глави да донесеме правилна одлука“, нагласи тој.
Истиот ден, претседателот на Собранието Африм Гаши за Дојче веле македонски изјави дека иако владејачкото мнозинство не смета дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е проблематично, бара предвидливост на пристапниот процес и гаранции дека нема да има нови услови.
Во однос на понудата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако Гаши е оптимист дека Скопје и Софија ќе успеат да постигнат договор, тој смета дека помошта од другите земји е добредојдена.
Според спикерот, рокот од шест месеци на ВЛЕН никогаш не бил поставен во контекст на напуштање на владејачката коалиција доколку не се направат промените. Во таа насока, тој подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН биле обединети кога станува збор за членството во ЕУ и интензивно работат на деблокирање на процесот.
Сепак, СДСМ се уште е загрижен од политиките на владејачката структура на патот кон ЕУ. На саботната средба меѓу лидерот на опозициската партија, Венко Филипче, и евроамбасадорот Михалис Рокас, првиот изјави дека нема јасна стратегија на владата кога станува збор за патот на земјата кон ЕУ.