Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Сител во однос на патот кон ЕУ вели дека се поголем број дипломати во Европа и светот позитивно гледаат на аргументите, позицијата и предложеното потенцијално решение на земјата.
“Прашањето е каква волја има, да најдеме решение или не. Зошто да не го почитуваме Договорот за добрососедство? Не протоколот, не предлогот, туку Договорот. Во Договорот со Бугарија не стои дека треба да има уставни измени. Епа, тогаш, ајде да го почитуваме, ние тоа бараме, да го почитуваме Договорот, Договор е или не? Ајде да го почитуваме”, изјави Мицкоски.
Мицкоски пак вели дека е оптимист кога станува збор за деблокирање на процесот. Сите аргументи, според него, се на страната на Скопје. Премиерот нагласи дека исто така многу е важна пораката што се испраќа од Софија.
“Мултилатерален или билатерален е проблемот? Која е пораката? Слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека откако ќе се консолидира општеството по изборите, ќе имаме појасна слика и дека ќе добиваме конечни пораки. Ние велиме, тогаш кога Бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ, тогаш уставните измени да важат. Ајде уште едно ремек-дело да направиме”, изјави Мицкоски.