Христовски не е член на ВМРО-ДПМНЕ од 2023-та, одговори портпаролката на владата Марија Митева на прашањата на Телма за назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ иако претходно Христовски беше претседател на скопскиот партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
“Кадровските промени во безбедносните служби се прават врз основа на темелни анализи и проверки. Истата одлука е донесена врз основа на тие состојби. Бојан Христовски од 2023-та по неговото враќање во МВР има поднесена оставка и не е член на партија така што тука се е во рамки на законските одредби. Во однос на работното искуство кое е услов за преземањето на именуваната позиција Бојан Христовски има 18-годишно работно искуство од кои 10 години раководно искуство во областа, а согласно законските одредби за оваа позиција потребно е 5 годишно раководно искуство. Во однос на се наведено останува посветена на почитување на пропишаните услови при именување на стручни и компетентни кадри”, одговорија од владата.
Нема одговор на прашањето зошто е разрешен досегашниот директор на АНБ Зарко Милошевски на средина на мандатот и по кои услови дали по лично барање или по утврдени злоупотреби.