Уставните промени клучен чекор, вели германскиот министер за надворешни работи Баербок

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок смета дека уставните измени се клучен чекор за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.

По средбата со нејзиниот колега, македонскиот министер Тимчо Муцунски во Берлин, таа порача дека последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер е додавање на Бугарите во Уставот. Таа смета дека ЕУ одлучува едногласно и не станува збор за неправда врз Македонија.

“Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сè, но такви се правилата. Сè додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат”, заклучи Бербок.

Како што соопштија од МНР, во фокусот на разговорите на средбата биле одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.

Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји.

Притоа тој нагласил дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.

Бербок, пак, истакнала дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*