Премиерите на шесте земји од Западен Балкан на самитот на Берлинскиот процес на 14 октомври потпишаа нов акциски план за единствен регионален пазар, како составен дел од Планот за раст на Европската унија (ЕУ) за Западен Балкан.
Новиот Акционен план за единствен регионален пазар за периодот од 2025 до 2028 година го потпишаа премиерите на Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина.
За ЕУ пристапот на земјите од Западен Балкан е геополитички приоритет, рече комесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Работиме со сите наши инструменти за да го забрзаме процесот за да го постигнеме во блиска иднина“, рече Вархеји за време на самитот, чиј домаќин на 14 октомври во Берлин беше германскиот канцелар Олаф Шолц.
Претставниците на ЕУ рекоа дека војната во Украина и другите геополитички прашања ја нагласуваат важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Балканот.
Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека на 10-годишнината од Берлинскиот процес „добро е да се биде во Берлин со нашите партнери од Западен Балкан“.
„Да погледнеме наназад на нашите достигнувања, но особено да гледаме напред. Кон иднината во која сите шест партнери од Западен Балкан се дел од нашата Унија“, напиша фон дер Лајен на мрежата Х.