Предлог измените на Законот за Судски совет наскоро ќе бидат објавени и ќе започне јавната дебата, порача Министерот за правда Игор Филков на дебата посветена на предизвиците и препораките за независноста на Судскиот совет.
Рече дека се земени предвид забелешките од домашната експертска јавност и меѓународната заедница.
“Судскиот совет мора да се докаже како стручно тело кое ќе биде составено од лица со потврдено правничко искуство а за кои не смее да постои ни најмал сомнеж за нестручност или било какво политичко влијание”, изјави Игор Филков.
По ланиските случувања во Судскиот совет и негативните забелешки, оценската мисија на ЕУ изготви 40 препораки. Претседателката на Советот Весна Дамева вели дека најголемиот дел од препораките што директно се однесуваат на советот се спроведени, остануваат оние кои се надлежност на законодавната и извршната власт.
“Во врска со дисциплинските постапки ги изменивме постојните правила и пракса кои овозможуваа одолговлекување и над една година, сега тој период е скратен со измена на подзаконските акти на најмногу четири месеци”, изјави Весна Дамева.
За дел од препораките од Брисел се потребни и уставни измени, како онаа со која се прецизирање на дефиницијата истакнат правник што според дел од експертите може да не го даде саканиот ефект.