Во Уставниот суд денеска се одржа јавната расправа по Барањето за заштита од дискриминација по основ политичка припадност, поднесено од претседателот на Левица Димитар Апасиев.
На расправата беа присутни подносителот на иницијативата и поранешниот претседател на Собранието – Талат Џафери.
Апасиев наведува дека е дискриминиран по основ на политичка припадност како првопотпишан граѓанин – овластен предлагач на рефендумска иницијатива на државно ниво од страна на Џафери како тогашен парламентарен спикер.
Талат Џафери, и покрај јасните деловнички обврски, одбил да ја проследи Иницијативата за задолжителен дополнителен референдум за Францускиот предлог поднесена од Апасиев до надлежните собраниски работни тела и незаконски ја узурпирал надлежноста на пленумот на Собранието, арбитрарно и малициозно прогласувајќи ја иницијативата за „неуредна“, на што немал право тврди Апасиев.
Според него со ова нелегално дејствие, претседателот на Собранието оневозможил граѓаните директно да се изјаснат за прашање кое е клучно по иднината на Република Македонија, еклатантно кршејќи го Уставот, Законот за референдум, Деловникот на Собранието – загрозувајќи го владеењето на правото и суспендирајќи ја непосредната демократија во Републиката.
Доколку исходот од оваа постапка е позитивен, Апасиев најави тужба за оштета, а доколку е негативен – тој најавува дека постапката ќе ја продолжи пред Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур.Талат Џафери, не се согласи со наведеното и посочи дека постапувал согласно Деловникот, при што потенцираше дека Апасиев задоцнил со исправката на барањето.
“Согласно Деловникот на Собранието еден од надлежностите на претседателот на собранието е да ја утврдува уредноста на поднесена иницијатива. Врз основа на ова соодветно му укажав на подносителот дека треба да се усогласи и да се прати во рок од 15 дена од барањето на Собранието, а не од приемот на известувањето”, рече Џафери.
Дополни дека не смета дека е политичка дискриминација, бидејќи, како што рече, Апасиев го поднел барањето во својство на граѓанин.