Северна Македонија до крајот на годината мора да ги отпочне преговорите со ЕУ, порача денес од Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија што земја претседава со Советот на ЕУ.
По завршувањето на заедничката меѓувладина седница, Орбан рече дека му понудил на неговиот македонски колега, официјална Будимшешта, да посредува во надминување на спорот со Бугарија.
“Следната станица за Северна Македонија е на некој начин да се спогодат со Бугарија. И јас за тоа имам свој предлог и тој предлог му го пренесов на премиерот. И му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседателството со ЕУ и да посредуваме во ова прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник, тоа е нивна работа, но ние сме подготвени и сакаме да работиме да се најде решение какво што им одговара и на Северна Македонија и на Бугарите”, изјави унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
По одвојувањето на Северна Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ, премиерот Мицкоски рече дека граѓаните не треба да се разочаруваат и да губат надеж, но не кажа дали го прифаќа предлогот на Орбан.
“Жалам што ние повторно мора да бидеме жртва на билатерализација, а не на исполнување на Копенхашките критериуми. Но, ние ќе продолжиме да работиме напорно и да ги решаваме проблемите дома кои се напластени и се многу”, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски и посака успех на албанската влада, и изрази надеж дека и Северна Македонија еден ден ќе биде дел од Унијата.
“Жалам што од оваа одлука само две страни беа задоволни, а тоа се политичарите кај нашиот источен сосед и опозицијата кај нас дома”, рече тој.
“По мене е грешка што вас ве одвојуваат од една друга држава која ја форсираат забрзано. И сметаме дека до крајот на годината вие мора да започнете преговори за зачленување во ЕУ”, рече Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
Унгарскиот премиер Орбан беше запрашан и за тоа дали парите од Унгарскиот кредит кој земјата го доби, а е во висина од 500 милиони евра се кинески пари или не.
“Кинески заем не можеме да даваме. Кинески пари не можеме да даваме бидејќи ние со Кина имаме договор, сите тие пари кои од Кина доаѓаат одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. Значи кинески пари не можеме да ви даваме. Европски пари можеме да ви даваме и тоа ќе ви го даваме”, рече Орбан. Орбан го покани Мицкоски следната меѓувладина седница да ја одржат во Унгарија.
Како тема тој ја наметна и миграцијата испраќајќи пораки дека справувањето со мигрантските бранови по балканската рута е клучно прашање за Унгарија. Орбан уште еднаш ја потврди поддршката за републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.