Албанија продолжува, Северна Македонија ќе чека. Се реализира сценариото за кое подолг период се предупредуваше – дека двете земји се раздвојуваат во пристапниот процес кон ЕУ кој досега заедно го одеа. Така вчера решиле амбасадорите на земјите-членки на Унијата, а првиот преговарачки кластер Албанија треба да го отвори кон средината на октомври.
Коментарот на Европската комисија е дека Северна Македонија за да напредува прво треба да ги исполни критеримите, мислејќи на уставните измени.
„Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворање на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот“, рече Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.
Лоша порака кон македонските граѓани, се работи за диктат, вака премиерот Мицкоски ја коментира одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон Европската Унија.
Откри дека ова му било соопштено и на средбите со европските челници, при неговата посета во Брисел.
“На евроинтегративниот пат како држава направивме многу работи кои никој не ги направил, а не се поврзани со копенхашките критериуми”, рече Мицкоски, додавајќи дека ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка.
Го дели мислењето на огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе да прифаќаме услови врз основа на национални отстапки, без гаранции.
Раздвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон Европската унија е тежок пораз на политиките на Владата, но пред сè е огромна катастрофа за иднината на граѓаните, вели лидерот на СДСМ.
Филипче додаде дека сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред и според него, најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.
Лидерот на социјалдемократите е убеден дека со промената на Уставот, што е услов од преговарачката рамка, како држава ништо нема да изгубиме, туку напротив, ќе добиеме.