Сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на вработувањата по етнички клуч.
Ќе им го испрати Министерството за јавна администрација, кое е на мислење дека Балансерот како дигитална алатка ја изгуби својата намена и во минатото бил предмет на злоупотреба.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев вели дека е време за реформа на администрацијата врз основа на знаење, стручност и квалитет. Во тој правец би требало да се гради и ново законско решение.
“Јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Секако, би ја причекале конечната одлука на Уставниот суд. Во зависност од тоа каква ќе биде, ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение, кое, морам да кажам дека е уставна категорија”, изјави вчера министерот за јавна администрација, Горан Минчев.