Делегација од Северна Македонија во посета на САД

Претседателката Сиљановска Давкова ја предводи делегацијата во Соединетите Американски Држави на 79-тото Генерално собрание на Обединетите нации.

Идната недела, над 130 светски лидери во Њујорк ќе разговараат на повеќе теми, но во фокусот се очекува да биде ставање крај на конфликтите. Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започна во Македонската православна црква „Свети Никола“ во Њу Џерси, каде присуствуваше на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица.

“Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората”, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Како што кажа, дијаспората заслужува да учествува и во изборниот процес и во најважните одлуки, исто така и во креирањето на најважните одлуки и закони за иднината што ќе ја уредуваат.

На средбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.

“Мило ми е што овде до мене седи Меџити оддавајќи почит на религијата и на сите вам, и јас ќе го посетам Граѓанскиот центар Дебар и џамијата”, рече Сиљановска Давкова.

Во САД официјално се регистрирани околу 72.000 македонски државјани, но се проценува дека се над 200.000.

Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*