Пленковиќ: Прашањето на патот кон ЕУ во Скопје е неправеден кон македонскиот народ и идентитет

Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската унија рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска.

Тој додаде дека Хрватска останува подготвена да и помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија во кој во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија.

„Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија”, изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.

Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатерланата соработка на сите нивоа особено на економски план со оглед на тоа што постојат можности за унапредување иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони.

За време на првата билатерална посета на премиерот Христијан Мицкоски на Хрватска, денеска во Загреб беа потпишани билатерални договори помеѓу министерствата за образование и наука и Министерството за здравје со кои што, како што беше истакнато на прес-конференцијата, значително ќе се подобрат односите на двете земји.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*