Пандов очекува „Проблемот“ од 27 април да се реши во периодот септември-октомври

Од десетина лица осудени за упадот во Собранието на 27 април 2017 година кои во јули-август користеа 30 дневен отпуст поради здравствени причини, петмина побарале судски прекин на издржување на казните.

Тројца од нив добиле прекин во траење од еден месец, потврдија од Кривичниот суд за Радио Слободна Европа. Кривичниот суд потврдија дека пет лица, осудени за настаните од 27 април, побарале од судот прекин на казната. Судот на тројца им дозволил прекин од по еден месец.

За еден осуденик решението е во фаза на изготвување, а едно од барањата е одбиено заради некомплетна документација, ни одговорија од Кривичниот суд.

Затворот во Штип, пак, велат дека прекин во отслужување на казната поради медицински причини, добиле шест лица. Двајца од нив, Александар Јаневски – Тошта и Јане Ченто им завршил прекинот и на 14 август се вратиле во затворот.

Според информациите што со РСЕ ги сподели Дејан Здравков, директор на штипскиот затвор, со судско решение прекинот во издржување на казната им е продолжен на Митко Чавков (до 21 ноември), на Митко Пешов (до 16 ноември), на Оливер Поповски (до 22 септември) и на Душко Лазаров (до 25 септември).

Пандов очекува дека проблемот на осудените за 27 април „ќе се реши“ во септември – октомври.

„Тие се осудени за тероризам и првично третманот кон нив бил таков, како кон терористи. Ако навистина биле терористи, како им било дозволувано да излегуваат на викенди? Нивниот проблем јас го доживувам и како проблем на државата и таа несреќна епизода ќе заврши“, вели Пандов.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека „целиот случај е правна небулоза и е граден врз политички мотиви, наместо врз правни аргументи“.

Досега до Кривичниот суд не пристигнало барање за повторување на постапката, потврдија од судот. Помилување како опција не сакале да прифатат дел од осудените, со образложение дека сакале да докажат дека се во право, а не да им остане „дамка“ во животот дека се терористи.

Во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*