Премиерот Мицкоски и министерот за европски прашања Муртезани на прес-конференција ја претставија Нацрт-реформската агенда за периодот 2024 – 2027 година.
Се темели на четири столбови – зајакнување на европската интеграција, регионална економска интеграција и соработка со соседите, забрзување на фундаменталните реформи, зголемување на финансиската помош за реформите.
„Според формулата, за нас треба да припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за периодот 2024-2027 треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување на Договор за механизмот за реформи и раст и Договор за заем. По ратификацијата на договорите, пак, ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7% од алокација на средствата, односно околу 52,5 милиони евра“, изјави премиерот Мицкоски.
Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ќе опфати приоритетни области како што се реформите на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрување на деловното опкружување.
Според премиерот, овие приоритети се клучни за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за обезбедување на долгорочна стабилност и напредок.
Министерот Муртезани посочи дека нацрт реформската агенда е изработена од МЕП заедно со Министерството за финансии и сите други надлежни министерства и ја смета за едно од најважните достигнувања во првите 100 дена од мандатот на новата Влада.
Во одговор на новинарско прашање каде во реформската агенда е Судскиот совет, премиерот рече дека ако треба ќе се ангажираат и надворешни соработници, но дека реформата прво треба да се случи во главата на политичарите и оние кои работат во правосудството.
„Веќе разгледуваме модели, се консултираме со определени експерти кои за волја на вистината се малкумина кои доставија некаков свој поглед како ги гледаат реформите, но нам не ни требаат реформски агенди, ниту некој од Брисел да ни каже, имаме доволно капацитет. Ако треба ќе ангажираме надворешни соработници, но треба да си направиме реформа ако сакаме да одиме како држава напред, но таа реформа треба да е прво во главата на политичарите и на оние кои работат во правосудството“, рече Мицкоски.