Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, на која присуствуваше и министерот за правда Игор Филков, рече дека Владата се држи до ставот за потребата од сеопфатни реформи во судството и распуштање на Советот на Дамева и на Советот на јавни обвинители.
Како што додаде тој, сепак, отворен е за идеи кои би се имплементирани доколку се подобри од она што е содржано во програмата на Владата.
„Ќе направиме се за да се донесе правдата. Не смее да има граѓани од прва класа. Не смее да има граѓани од втор ред. Не смее да има такви во првата линија што се заштитени. Не смее да има елита. Наместо тоа, сите треба да бидат еднакви пред законите и Уставот“, нагласи тој.
Мицкоски уште еднаш ја истакна важноста на владеењето на правото, особено во однос на безбедноста на државата.
„Ако нема правна држава, ако има високо ниво на криминал и корупција, тоа е безбедносен проблем. Ние како Влада, согласно Уставот и законите, имаме основна задача да ги заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем“, истакна премиерот.
Според него, Владата иако не очекува брзи резултати, очекува напредок.
„Секако, ние се држиме до ставот за распуштање на тие институции за кои зборувавме цело ова време. Не очекуваме брзи резултати. Сепак, очекуваме напредок, со кој ќе спречиме да ни се случи овој безбедносен проблем бидејќи нема правна држава и има висок степен на корупција“, рече премиерот.