Судскиот совет на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на 16 август на почетокот на седницата изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но наведе дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
„Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало“, изјави Дамева.
Одлучено е Комисијата да биде во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Министерот за правда на Северна Македонија Игор Филков рече дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и дека не е во согласност со досегашната пракса.
Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.
„Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата“, вели Филков.