Телма: Законот за ревизија на ИПА не предвидува функција вршител на должност генерален ревизор на ИПА

Законот за ревизија на ИПА фондовите не предвидува привремено или в.д. решение за главен ревизор како што посакува и одлучува владата, а и Антикорупциската комисија ја проширила својата постапка за назначувањето на ова многу важна позиција која треба да се грижи за наменско и ефикасно трошење на европските пари испратени како помош на Македонија.

Од ДКСК за Телма потврдија дека го проверуваат и ова решение бидејќи законот јасно наведува кој може да биде назначен за главен ревизор и дека не е предвидено вршител на должност за позицијата.

ЧЛЕН 5 СТАВ 1 За именување на главниот ревизор за ИПА и заменикот се објавува јавен оглас во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

ЧЛЕН 5 СТАВ 2 АЛИНЕЈА 6 Главниот ревизор за ИПА и заменикот треба да не вршат друга јавна функција или професија, да не се членови во органи на политичка партија.

Иако законот е јасен, владата во два наврати за 12 дена назначува В.Д. главен ревизор, прво ја впиша па ја избриша Афрона Верзиволи која е предлог на политичка партија односно коалиција.

Откако Телма ја објави информацијата, а делегацијата на ЕУ во Скопје и Антикорупциската комисија отворија постапка- владата се повлече и наместо неискусната за ревизија банкарка ја смени со нов вршител на должност, искусен ревизор и со сертфикати поткован Арбен Рамадани. Сега се проверува и дали законски е назначен вршител на должност, позиција која не е предвидена со закон.

Дополнителен проблем е што досегашниот главен ревизор Адем Цури е разрешен две години пред да му заврши деветгодишниот мандат за кој е избран законски и на конкурс, а владата го сторила тоа без да се исполнат условите за негово разрешување кои ги има во членовите 6 и 7 од законот за ревизија на ИПА фондови.

Смената со в.д. главен ревизор, со политички призвук, ја нарушува и соработката со ИПА фондовите на ЕУ, бидејќи главниот ревизор и неговиот заменик се единствени лица за контакт со Европската комисија за сите прашања поврзани со ревизија на ИПА.

Поради смената на избраниот по закон, македонската ревизија сега ќе треба да чека верификација на новиот главен ревизор најмалку до крајот на септември за да се нормализира комуникацијата со Европската комисија која ги дава парите за ИПА фондови и развој на државата.

Поради тоа ќе доцни и акредитацијата на фондовите од ИПА 3 столбот која не е потпишана како и на фондовите кои се однесуваат за помош на реформите и развојот на  транспортниот систем.

Парите од ИПА 3 се наменети за јакнење на демократијата и јавната администрација, за човековите права, за граѓанското општеството, за развој на човековите права, за добрососедска политика и најважното за нас борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Без верифициран од Брисел главен ревизор, тие пари од ИПА 3 ќе останат надвор од Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*