Министерот Муртезани коментира неколку теми

На 14 јули Владата ја усвои драфт верзијата со придружните елементи на Реформската агенда и истата е испратена до Европската комисија (ЕК) на внатрешна консултација.

До 31 јули треба да стигнат повратни коментари за да може после Владата врз нивна основа да ја усвои крајната верзија на Реформската агенда, изјави денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Муртезани додаде дека по усвојувањето, следува потпишување договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, по што следи ратификација во Собранието. Муртезани изрази очекување дека во втората половина на септември ќе стигнат парите од првата транша од Планот за раст на ЕК.

На новинарско прашање дали во Реформската агенда е ставено укинувањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и дали очекува негативен одговор од ЕК, вели дека бидејќи се работи за драфт-верзија, не е овластен јавно да споделува информации.

Муртезани нагласи дека стапката на апсорпција на европските фондови е недоволна, со само 34% од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22% од средствата исплатени.

Ова одразува поширок проблем со неефикасноста, кој резултираше во губење на значајни средства.

„Во изминатите две години покрај бавното спроведување на ИПА, Северна Македонија се соочи со неискористени ИПА средства на кои им истече рокот за користење и истите се вратени во буџетот на Европската Унија. Така на крајот на 2022 и на 2023 година, беа изгубени 24 милиони евра, односно околу 55 милиони евра соодветно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 година постои опасност за губење на дополнителни 43 милиони евра од ИПА II“, подвлече тој.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на прес конференција, по прашање за иницијативата на коалицијата „Вреди“ да се формира Албанска академија на науки и уметности, истакна дека се работи за изборно ветување на коалицијата на последните парламентарни избори.

“Јас само ќе споделам дел од перцепцијата на мнозинството Албанци. Перцепцијата е таква дека во МАНУ нема пристап за научници од другите етнички заедници. Меѓутоа, немам конкретна информација бидејќи не работам во МАНУ и не можам да тврдам дали е така или не“, оцени Муртезани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*