Судењето на Мерко: Одложено рочиштето за набавка на возила од страна на општината

Основниот суд во Струга да го отфрли обвинението против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за незаконска набавка на службениот автомобил „Ауди А6“, затоа што е застарено, побара на денешто рочиште неговата одбрана.

Адвокатот на Мерко, Игор Петковски пред судот посочи дека обвинителниот предлог е поднесен шест години по дејствијата за кои се товари, иако имало рок од пет години. Тој рече дека вака застареното обвинение не требаше да влезе во судница, а не да се преземаат било какви дејствија.

Струшкиот градоначалник се гони за злоупотреба на службата, затоа што набавил четири службени возила, меѓу кои и луксузното Ауди, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, а казната затвор за ова дело е од една до пет години.

„Обвинителниот предлог до Основниот суд во Скопје од страна на ЈО за гонење организиран криминал и корупција е поднесен на 28.02.2024 година, а со него обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година. Тоа значи дека изминале повеќе од пет години и судот, согласно член 337 од Законот за кривична постапка, требало да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот предлог“, наведе адвокатот Игор Петковски.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението против Мерко до Кривичниот суд во Скопје во февруари годинава, но поради измените на Кривичниот законик, надлежноста премина во Струшкиот суд.

Судијката Надица Митревска денеска го одложи рочиштето за да се проверат наводите на одбраната дека обвинението е застарено.

„Одбраната и ЈО истакнаа предлози кои судот мора дa ги провери, особено она на одбраната којa бара судот да донесе решение, затоа што е настапена застареност на кривичното гонење“, рече Надица Митревска, судијка во Основен суд Струга.

Обвинителот, пак, побара од судот дел од доказите да ги одбие како нејасни, нецелосни и нерелевантни кои можат да ја одолговлекуваат постапката. Судијката Митревска следното рочиште го закажа за септември.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*